ДЕБАРСКИ БАЊИ

Дебар е познат по своите лековити минерални води во двете одморалишта – Бањиште и Косоврасти.
Туристичкото одморалиште Бањиште се наоѓа северозападно од Општина Дебар, во селото Бањиште, на надморска височина од 880 m, во срцето на планинскиот појас обраснат со високи борови, сосема блиску до границата со Албанија. Термалните води се користат за лековити цели уште од дамнина. Иако постојат многу преданија за термалните води во Дебар, најстарите докази за балнеотерапија во овој крај се двата стари базени во близина на хотелот во Бањиште. Тие биле изградени во 1797 година од Хаџи Муџедин, синот на Нуман Ефенди. Извештаите од спроведените научни истражувања покажуваат дека термоминералните води во Дебар содржат над 4 грама различни минерали во 1 литар вода, количина каква што дотогаш не била забележана во другите термални води во Европа.
Бањата Косоврасти е модерно одморалиште со вкупен капацитет од 72 соби, сите со поглед кон Дебарското Езеро. Волшебните пејзажи, Дебарското Езеро и кањонот на реката Радика го прават ова одморалиште погодно место и за релаксирачки прошетки и за незаборавни авантури. Термалните води, богати со здравје и живот, со векови ја докажуваат својата магична моќ во лекувањето и третманот на многу болести.